Повредите кај пациентите префрлени во Србија класифицирани како сериозни и опасни по живот
Седумнаесет тешко повредени пациенти од Кочани се префлени во Србија. Во најтешка состојба еден пациент на механичка вентилација, двајца се на интензивна нега...

Девет пациенти кои се здобија со тешки телесни повреди во пожарот во Кочани, се хоспитализирани во Ургентниот клинички центар на Србија, додека седум пациенти се примени на Воената медицинска академија (ВМА). Една жена на возраст од 45 години со изгореници на телото е во Клиничкиот центар во Ниш, хируршки е третирана и се наоѓа во стабилна состојба.
Дванаесет од нив синоќа со авион на војската на Србија се префрлени во Белград.
„Веднаш по приемот почнавме со дијагностички и терапевтски процедури, седум пациенти беа згрижени во операционите сали во текот на ноќта, додека сите пациенти беа приклучени на соодветен третман. Повредите со кои се здобиле пациентите се главно изгореници, кои зафаќаат меѓу два и 28 отсто од површината на телото, а повеќето пациенти покажуваат симптоми на оштетување поради отровните гасови произведени за време на пожарот. Исто така, некои од повредените имаат изгореници на горниот респираторен тракт, поради вдишување топол воздух.
Засега повредите се класифицирани како сериозни повреди опасни по живот, а лекарите сметаат дека е особено предизвик да се предвиди состојбата на пациентите поради сложеноста на повредите од изгореници и можните компликации поврзани со респираторни проблеми.
Тешко е да се процени прогнозата кај пациенти со изгореници, особено кога постои компонента на оштетување на респираторниот систем. Прогнозата ќе се кристализира во наредните денови“, информираше д-р Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за изгореници, пластична и реконструктивна хирургија на Универзитетскиот клинички центар на Србија.
Меѓу пациенти, мнозинството се помлади, на возраст меѓу 18 и 35 години. Двајца пациенти се на одделението за интензивна нега, а еден од нив е на механичка вентилација поради тешките изгореници на дишните патишта, што го прави најтешко болен пациент.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска во Белград имаше средба со македонскиот вицепремиер, Иван Стоилковиќ.
„Верувам дека повредените ќе закрепнат. Иако има повреди опасни по живот, би сакал тој број да не се зголемува. Иако е навистина тој број е голем. И уште еднаш ја споделуваме болката со граѓаните на Северна Македонија. Се молиме на Бога Северна Македонија да има сила да оди напред, да излезе од оваа голема трагедија обединета и силна“, изјави Вучевиќ.
„Во име на премиерот на македонската влада ја пренесов благодарноста до претседателот на Србија и премиерот за искажаната помош и солидарност. Го запознав со активностите на нашата влада. Почесниот конзул во Србија организира и обезбеди сместување за сите родители на повредените пациенти кои се во Ниш У во Белград“, изјави Стоилковиќ.
Попладнево повредените ќе ги обиколи претседателот Вучиќ, а утрешниот ден во Србија е прогласен за Ден на жалост.
