Во МНР отворена Книга на жалост за загинатите во трагедијата во Кочани
Отворена e телефонска линија за психолошка поддршка на пациентите. Кризниот штаб го координира испраќањето на повредените во странство. Активиран механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Во МНР отворена книга на жалост.

Повеќе од 50 повредени се на лекување во странство. Уште пред формирањето на кризниот штаб во МНР и активирање на механизмот за цивилна заштита и помош на ЕУ, стигнале понуди од соседни и пријателски земји за помош. 12 часа по трагедијата, првите 4-ца пациенти биле пренесени во Грција. Потоа преостанатите се распоредени во Србија, Бугарија, Турција, Австрија, Унгарија и во Литванија. Медицински тимови од Чешка, Израел, Белгија несебично работат заедно со македонските колеги. Шефот на дипломатијата Муцунски со барање до владата за финансиска поддршка за роднините на повредените што се на лекување во странство.
Србија е подготвена да прифати уште повредени. Барање за помош стигнало и до Шведска. Потврдија амбасадорите на овие држави. Од СЗО задоволни како земјава успеа брзо да се справи со големиот број на повредени.
Пораки на сочувство и желби за брзо закрепнување на повредените од дипломатите беа запишани во отворената книга на жалост во МНР. Порачаа во овие тешки времиња, пријателите се солидаризираат со вас.
Кризниот штаб во МНР деноноќно работи за повредените кои се пренесени во странство.
Во сите дипломатско-конзуларните претставништва во странство назначени се лица за контакт за информации за повредените што се на лекување во овие држави.
Ирина Гелевска
