Засилени мерки за заштита од ебола на „Александар Велики“

06.08.2014 16:51

Аеродромските власти досега не забележале ниту еден сомнителен патник, ниту пак очекуваат, бидејќи како што велат земјава не е директно поврзана со западно африканските земји, каде што е жариштето на овој вирус...

Посебни простории за изолација на скопскиот аеродром доколку медицинските тимови забелажат патник со симптоми на вирусот ебола. Карантински простор има и за оние кои веќе имале контакт со него. Ќе бидат поставени и термални камери, со која ќе се мери телесната температура на секој патник. Аеродромските власти досега не забележале ниту еден сомнителен патник, ниту пак очекуваат, бидејќи како што велат земјава не е директно поврзана со западно африканските земји, каде што е жариштето на овој вирус.

„Секој патник кој е можеби заразен со вирусот, а што патува од западна Африка, ќе биде филтриран на аеродромот од којшто поаѓа, а потоа и на првата дојдовна точка на која било конекција од Сиера Леоне или од Либерија. Ние не сме во ниедна од тие земји. Можеби сме трет или четврт аеродром, што значи дека до оваа точка патникот ќе биде филтриран неколку пати. Но тоа не значи дека ние, како меѓународен аеродром, нема да ги преземеме неопходните мерки на претпазливост“, изјави Неџат Курт, менаџер на скопскиот аеродромот „Александар Велики“.

Граѓаните кои МТВ ги анкетираше на скопскиот аеродром „Александар Велики“, велат дека не стравуваат да патуваат, вирусот го нема во Европа, туку во Африка. 

„Мислам дека не е толку опасно колку што дигаат паника, а за кај нас мислам дека е уште сигурно затоа што сме далеку од Африка“.

„Можеби не на сите на нашиот аеродром е безбедно, сега се почнати контролите а за другите незнам“.

„Не стравувам да патувам во Европа, ако патувам во Африка веројатно би бил“, велат анкетираните граѓани.

Периодот на инкубацијата на ебола е 21 ден. Вирусот не се пренесува по воздушен пат, туку исклучиво преку директен контакт со крв или други телесни течности од заболени луѓе.

По регионот и земјава го вклучи алармот за да се заштити од смртоносната ебола. ПОатниците кои ќе слетуваат на македонските аеродроми, а допатувале од ризичните подрачја каде што се шири овој вирус задолжително ќе се прегледуваат.

Андријана Атанасовска