Прекинато примирјето меѓу Израел и Газа
Израелските одбранбени сили спроведуваат интензивни воздушни напади во енклавата. Палестински извори јавуваат за над 300 загинати, меѓу нив жени и деца...

Прекинато примирјето меѓу Израел и Газа. Израелските одбранбени сили спроведуваат интензивни воздушни напади во енклавата. Палестински извори јавуваат за над 300 загинати, меѓу нив жени и деца. Таргет се десетици упоришта на милитантната група Хамас, тврди израелската армија.
Премиерот Нетанјаху соопшти дека ги наредил нападите поради запирање на напредокот во разговорите за втората фаза од примирјето. Официјални воени претставници велат дека операцијата е отворена и се очекува нејзино проширување. Белата куќа соопштува дека Вашингтон бил консултиран и дал поддршка за израелските акции.
„Израелските воздухопловни сили иницираа серија напади врз цели на Хамас во Газа. Дозволете ми да бидам многу јасен, Израел нема да запре додека не се вратат сите наши заложници дома. Ние ќе му кажеме на Советот за безбедност дека ако сакаат да ја прекинат војната во Газа, тие треба да се погрижат да ги вратат назад“, изјави Дени Данон- амбасадор на Израел во ОН.
Палестинското населението изненадено од нападите се враќа во очајот што со себе го носи виорот на војната.
„Она што ни се случува е пекол - пекол во секоја смисла на зборот“, изјави Зејдан Абед – раселен од Рафах.
„Нападите се вратија поинтензивно од претходно“, изјави друг.
„Минатата ноќ беше потешка од 20 илјади други ноќи за нас и нашите деца“, изјави друг.
Палестинското милитантно движење Хамас предупредува дека новите воздушни напади на Израел се прекршување на договорот за прекин на огнот и оти тоа ја доведува во прашање судбината на израелските заложници. Примирјето почна во средината на јануари годинава, во првата фаза се разменуваа израелски заложници со палестински затвореници. За втората фаза беа предвидени дополнителни преговори до целосен прекин на огнот. Со ненадејниот израелски напад завршува периодот на релативната смиреност во регионот и ја зголемува можноста разгорување на борбите меѓу Израел и Хамас.
Маја Стојанова
