Трагедија во Кочани

Најнови информации за состојбата на хоспитализираните пациенти

18.03.2025 10:45

Сите повредени на скопските клиники се стабилни, потешките случаи се испратени на лекување надвор од државата и засега се третираат. Од Анкара известија дека половина од хоспитализираните почнуваат да дишат сами. Во земјава денеска пристигнуваат уште 10 доктори од Израел, коишто ќе помагаат и ќе ги лекуваат пациентите кои се згрижени овде, изјави заменик- министерот за здравство Јовица Андовски...

Вкупно 89 пациенти од повредените во трагичниот настан во Кочани се лекуваат на клиниките во земјава, додека до утринава вкупно 76 пациенти се испратени на лекување во странство. Ноќеска се испратени во Хрватска двајца, во Атина тројца, во Виена двајца и во Словенија уште двајца пациенти.

Како што информираше заменик министерот за здравство Јовица Андовски, здравствените власти се во преговори со Австрија, Шведска, Холандија, Хрватска, Норвешка и со Словенија, и за краток период ќе се знае по колку пациенти ќе може да се испратат во нивните центри.

Синоќа напомош пристигнаа доктори од Белгија, кои веќе прават анализа на состојбата на најтешките пациенти сместени на КАРИЛ. Од Израел пристигнати се седум доктори, а денеска се очекуваат уште 10. Тие ќе бидат распределени на клиничкиот центар и во „8 Септември“. Исто така пристигнати се шест доктори од Чешка.

Заменик-министерот соопшти дека 17 од повредените се сместени на Клиниката за пластична хирургија, 13 се хоспитализирани на Токсикологија, на Торакална има четири кои се стабилни, на Траума двајца, на Детска хирургија има четворица, на КАРИЛ има 14 пациенти, 12 има во старата Градска болница, во ГОБ „8 Септември“ има 18 пациенти кои се исто така стабилни, на Пулмологија има двајца, а во Штип има тројца пациенти. Сите засега се стабилни, но нивната состојба може да се промени.

Известува Кристина Талевска- Големтеова