Трагедија во Кочани

Премиерот Мицкоски во посета на повредените во „8 Септември“

18.03.2025 11:34

Сите повредени од трагичниот настан во Кочани кои се сместени во ГОБ „8 Септември“ се стабилни, но поради специфичноста на повредите нивната состојба може да се промени...

Сите повредени од трагичниот настан во Кочани кои се сместени во ГОБ „8 Септември“ се стабилни, но поради специфичноста на повредите нивната состојба може да се промени, изјави денеска директорот на оваа здравствена установа, д-р Синиша Стојановски. Во посета на овие пациенти денеска беше и премиерот Христијан Мицкоски.

„ГОБ 8 Септември уште од самиот почеток на кризата беше подготвена да ги прими сите повредени. Досега се згрижени 32 пациенти, од кои 13 се испратени во странство. Состојбата на сите пациенти е стабилна, нема ниту еден починат пациент. Повредите се специфични и состојбата може да се менува“, нагласи д-р Стојановски.

Директорот на ФЗО, Клековски нагласи дека се прават максимални напори за згрижување на пациентите и дека сите критични се испратени во специјализирани центри во странство.

„И капацитетите во соседството се исполнети, па се контактираат подалечни центри. Ве уверувам дека нема пациент на кој состојбата му се влошува, а да не е испратен во специјализиран центар во странство. Ова не е битка од 72 часа, ова е битка која ќе трае со недели и месеци“, нагласи Клековски.

Директорот на ФЗО соопшти дека ќе пристигне и тим од Британија кој ќе помогне за следната фаза за рехабилитација на пациентите.

Вчера се хоспитализирани 20 нови пациенти со респираторни проблеми, кои биле присутни на трагичниот настан во Кочани. Упати апел сите што биле таму да се јават на лекар, иако се чувствуваат добро, бидејќи сè уште се можни последици. Молба за ова и од премиерот Мицкоски.

„Секој кој бил во или во близина на ужасниот настан, да се јави на доктор и да побара консултација без разлика дали чувствува нешто или не. Едноставно мора некои работи да се случат, ако сакаме да немаме ефекти во деновите коишто следат. Ги молам сите оние кои беа да се јават на доктор. За сето останато како Влада правиме сè што можеме“, нагласи премиерот Мицкоски и упати благодарниот до сите ангажирани доктори.

Премиерот соопшти дека на денешната владина седница ќе биде потврдена одлуката за покривање на трошоците на два члена од семејството на повредените испратени во странство.