Таравари и Муцунски во посета на повредените во Солун
Сите повредени хоспитализирани во солунските болници се во сериозна, но стабилна состојба. Ги посетија министрите за надворешни работи и за здравство. Муцунски и Таравари заминаа во Софија, да ја констатираат состојбата и на хоспитализираните во болниците во Бугарија...

Тројцата повредени во болницата „Папаниколау“ и двајцата во Воената болница во Солун се во стабилна состојба, објави министерот за здравство, Таравари по посетата заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски. Биле придружувани од грчкиот заменик-министер за внатрешни работи Костас Јулекас и заменик-министерот за надворешни работи, Тасос Хаѕивасилиу.
Лекарите ја опишуваат состојбата на пациентите како критична, но стабилна. Загрижувачки е што имаат внатрешни изгореници и вдишале премногу чад. Сите се млади луѓе на возраст од 19 до 27 години.
„Сите 5 пациенти примени во овие болници се во стабилна состојба. Им благодарам на нашите колеги во Солун, грчкиот народ и влада за посветеноста и помошта“, објави Таравари на Фејсбук.
Тројца од повредените на возраст од 20, 22 и 24 години синоќа со авион на грчкото воено воздухопловство биле пренесени во Атина.
Двајца пациенти со авион на военото воздухопловство на Словенија се транспортирани на лекување во Љубљана.
„Имаме четворица пластични хирурзи на располагање и два кревета на интензивна нега за повредените. Овој вид на третман може да трае неколку месеци вклучувајќи месеци инкубација, неколку хируршки процедури и трансплантација на вештачката и кожа од пациентот“, д-р Марко Југ-универзитетски медицински центар во Љубљана.
„Наскоро очекуваме да пристигнат уште двајца пациенти кои се бидат на лекување во Универзитетскиот клинички центар во Марибор“, изјави д-р Валентина Преволник Тупел, министер за здравство.
Министрите Муцунски и Таравари ќе ги посетат и повредените коишто се пренесени на лекување во Бугарија.
Ирина Гелевска
