Телефонски разговор Трамп-Путин

Разговорите за крај на војната во Украина се приближуваат до најважната фаза

18.03.2025 14:24

Мировниот договор – главна тема, разговорите се приближуваат до најважната фаза – пренесуваат руските медиуми. Кремљ соопшти дека постои разбирање, но сè уште има нерешени прашања во билатералните односи меѓу двете земји.

Нов обид да се стави крај на тригодишната војна во Украина. Телефонски разговор на Трамп и Путин. Мировниот договор – главна тема, разговорите се приближуваат до најважната фаза – пренесуваат руските медиуми. Кремљ соопшти дека постои разбирање, но сè уште има нерешени прашања во билатералните односи меѓу двете земји.

„Попладне ќе има телефонски разговор, ќе ве информираме за резултатите. Се разбира, постои одредено разбирање, но има и голем број прашања во врска со натамошната нормализација на нашите билатерални односи и за сето ова“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

„Решението во Украина ќе биде една од главните теми на телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп за кој Кремљ претходно соопшти дека ќе се одржи денеска. Шефот на Белата куќа денеска соопшти дека многу детали од мировниот договор се договорени и дека разговорите се приближуваат до најважната фаза“, изјави Евгениј Рожков, водител на ТВ Русија 1.

Се очекува на разговорите меѓу двајцата претседатели да бидат повлечени црвените линии околу суштинските поделби на имотот и територијата поврзана со војната во Украина. Од Белата куќа не сакаа да ги коментираат деталите на разговорите, иако се оптимисти дека мирот е на дофат.

„Што се однесува до тоа каде ќе се повлечат тие линии или какви било специфики, нема да навлегувам во тоа од оваа говорница“, рече Каролин Левит, портпаролка на Белата куќа.

Украинскиот претседател Зеленски и натаму скептичен за посветеноста на Путин. Повика да се изврши притисок врз Москва да го прифати 30-дневниот прекин на огнот.

„Спроведувањето на овој предлог можеше да почне одамна. Сега, една недела подоцна, на сите во светот им е јасно, дури и на оние кои одбија да ја признаат вистината, дека претседателот Путин е тој што ја одолговлекува оваа војна“, изјави Володимир Зеленски • претседател на Украина.

Во исчекување на деталите од телефонскиот разговор, борбите на фронтот продолжуваат со несмалено темпо.

Бојана Крстевски