Министрите Муцунски и Таравари во посета на повредените во Солун
Сите повредени хоспитализирани во солунските болници се во сериозна, но стабилна состојба. Ги посетија министрите за надворешни работи и за здравство. Муцунски и Таравари заминаа во Софија, да ја констатираат состојбата и на хоспитализираните во болниците во Бугарија...

Тројцата повредени во болницата „Папаниколау“ се во сериозна, но стабилна состојба, биле информирани министерот за надворешни работи Муцунски и министерот за здравство Таравари при посетата во Солун.
„Тоа што го видовме и посведочивме изутринава е одличната медицинска помош. Ќе цитирам она што ни го кажа главниот доктор кој се грижи за пациентите: „вашите деца се наши деца“. Бевме информирани дека настраданите се во сериозна, но стабилна состојба. Ова беше најтрагичниот момент во историјата на мојот народ, момент што засекогаш ќе остане во колективната меморија, но исто така она што ќе остане во колективаната меморија и никогаш нема да се го заборавиме е солидарноста што ја добивме“, изјави изјави Тимчо Муцунски-министер за надворешни работи и надворешна трговија.
„Грција и грчката влада, од првиот момент кога се информиравме за несреќата, застанаа со хуманост и солидарност со народот на Северна Македонија. Благодарение на координацијата на грчките власти и соработката на министерствата за надворешни работи, здравство и цивилна заштита, пациентите беа префрлени овде во Солун од првиот момент. Тројца од нив во болницата „Папаниколау“, двајца во болницата „424“ и синоќа уште тројца повредени се префрлени во Воената болница во Атина. Услугите што ги добиваат и грижата што ја добиваат се примерни“, изјави Тасос Хаѕивасилиу, заменик-министер за надворешни работи.
Директорката на Одделот за изгореници во солунската болница, Софија Пападопулу, соопштила дека пациентите имаат од 15 до 25 проценти изгореници на телото.
„Тројцата се во критична состојба не можеме да кажеме дека ја имаат избегнато опасноста бидејќи имаат изгореници главно на лицето и рацете, но и вдишале чад. Очигледно биле долго на местото на несреќата, па имаат внатрешни изгореници односно оштетување на белите дробови и на дишните патишта, што можеби ќе ја отежни состојбата и најверојатно ќе биде долгорочно. Правиме се што можеме, имаме капацитет, ја имаме поддршката од целиот персонал да можеме да го направиме најдоброто за овие млади пациенти“, изјави Софија Пападопулу-директорка на Одделот за изгореници во болницата „Папаниколау“.
Во Солун, министрите Муцунски и Таравари ги посетија и двајцата повредени во Воената болница, со авион на грчкото воено воздухопловство синоќа беа пренесени и тројца повредени во болница во Атина. Од Грција, македонските министри се упатија кон Софија, каде се наоѓаат дел од настраданите во пожарот во Кочани.
Ирина Гелевска
