Повредените хоспитализирани во болниците во земјава и во странство се во релативно стабилна состојба
Хоспитализираните во болниците во земјава и во странство се во релативно стабилна состојба, информираат лекарските тимови. Лекарите предупредуваат дека кај дел состојбата може да се промени и да се влоши по 72 часа. Во текот на денот ќе продолжи транспортот на повредени пациенти во странски болници...

Релативно стабилна е здравствената состојба на повредените по катастрофалниот пожар во дискотеката во Кочани кои се хоспитализирани во земјава и во странство. Лекарите предупредуваат дека кај дел состојбата може да се промени и да се влоши по 72 часа.
На Клиниката за токсикологија има 13 пациенти со изгореници на горните дишни патишта и труење со јаглерод моноксид, кај дел очекувани се компликации. Токсиколозите објаснуваат дека труењето со токсични гасови може да доведе до последици во наредните 10 дена.
Во потешка состојба се пациентите кои се лекуваат во странство, но добра вест стигнува од Анкара, 5 од 6 пациенти кои се хоспитализирани таму веќе самостојно дишат.
Изгореници на главата и дланките од втор, па и од трет степен се најчестите повреди на пациентите хоспитализирани во „8 Септември“. Некои од настраданите имаат и скршеници настанати при обидот да излезат од дискотеката.
И во текот на денот ќе продолжи транспортот на повредени пациенти во странски болници. Бидејќи капацитетите во соседните земји веќе се исполнети, ќе се транспортираат во Италија, Холандија, Белгија и други. На помош на лекарите во земјава им доаѓаат колеги од странство.
Во Скопје во моментов се лекуваат 89 од повредените во катастрофалниот пожар. Во странските болници веќе се пренесени 76.
Наташа Јанчиќ – Менковски
