Здравство

ЕУ земји ги отвораат вратите за нашите пациенти

18.03.2025 17:19

Пациентите во критична состојба со потешки изгореници се пренесуваат во медицински центри во странство...

Со хеликоптер на хрватската армија двајца пациенти утринава се пренесени на лекување во Клиниката за траума на Клиничкиот болнички центар „Сестри на милосрдието“ во Загреб, Хрватска. Според здравствените власти, едно од нив е малолетно лице.

„Едно лице има полесни изгореници од приближно 10 проценти, без повреда при вдишување и не бара интензивна нега. Другото лице има изгореници од 10-15 проценти и има повреда при вдишување која бара мерки за интензивна нега“, изјави Тихана Магдиќ Турковиќ, началничка на оддел во Клиничкиот болнички центар „Сестри на милосрдието“.

Кај пациентите засега не се констатирани дополнителни повреди.

„За среќа, помладиот пациент има полесни изгореници, а другиот се лекува пред сè од изгореници на дишните патишта, а тоа се изгореници на белите дробови и се очекуваат компликации поврзани со тоа. Површината на изгорената кожа не треба да биде опасна по живот“, изјави Драган Ѓурѓевиќ, главниот лекар  на Клиника за трауматологија.

Директорот Давор Вагиќ охрабрува дека овде имаат и банка за ткиво која е специфично поврзана со лекување на изгореници.

Други две млади момчиња со авион на словенечките вооружени сили беа пренесени во Љубљана.

„Имаме четворица пластични хирурзи на располагање и два кревета на интензивна нега за повредените. Овој вид на третман може да трае неколку месеци, вклучувајќи месеци инкубација, неколку хируршки процедури и трансплантација на вештачката и кожа од пациентот“, изјави Марко Југ од Универзитетскиот медицински центар во Љубљана.

„Наскоро очекуваме да пристигнат уште двајца пациенти кои ќе бидат на лекување во Универзитетскиот клинички центар во Марибор“, изјави д-р Валентина Преволник Тупел-министер за здравство.

Хрватска ќе прифати уште четири, а Словенија уште два пациенти. Пациенти ќе бидат пренесени и во клиниките во Австрија, Полска, Холандија, Италија и Норвешка.

 

Фиљана Кока