Заврши телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин
По час и половина заврши телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин. Сè уште нема информации за тоа што разговарале претседателите на САД и Русија. Во исчекување официјални информации, рани забелешки доаѓаат од Москва. Специјалниот пратеник на Путин најави дека светот денес станал многу побезбедно место...

По час и половина заврши телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин. Сè уште нема информации за тоа што разговарале претседателите на САД и Русија, иако ставот на Белата куќа од претходно е познат – да се стави крај на тригодишната војна во Украина. Во исчекување официјални информации, рани забелешки доаѓаат од Москва. Специјалниот пратеник на Путин најави дека светот денес станал многу побезбедно место.
„Под водство на претседателот Путин и претседателот Трамп, светот стана многу побезбедно место денес“, напиша специјалниот пратеник на рускиот претседател, Кирил Дмитриев, на социјалните мрежи.
Претходно и заменик-шефот на кабинетот на Белата куќа, Скавино, потврди дека разговорот се одвивал добро. Од ООН повикот го оценија како важна точка.
„Мислам дека важната поента во врска со повикот е тоа што тој се одржа. Важно е раководствата на САД и Руската Федерација да бидат во меѓусебен контакт“, изјави Фархан Хак, портпарол на ОН.
Украинскиот претседател Зеленски претходно изрази скептичност во однос на посветеноста на Путин истакнувајќи дека договорот можел да се спроведе порано.
„Спроведувањето на овој предлог можеше да почне одамна. Сега, една недела подоцна, на сите во светот им е јасно, дури и на оние кои одбија да ја признаат вистината, дека претседателот Путин е тој што ја одолговлекува оваа војна“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Наспроти телефонскиот разговор, борбите на фронтот продолжија со несмалено темпо.
Бојана Крстевски
