Денеска продолжува судењето за двојното убиство
Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска откако на минатото рочиште во Основен Кривичен суд Скопје беше сослушан Велибор Манев...

Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска откако на минатото рочиште во Основен Кривичен суд Скопје беше сослушан Велибор Манев, еден од обвинетите. Манев изјави дека се познава со сите обвинети, освен со таткото на убиеното девојче. Тој рече дека за грабнувањата ги координирал Љупчо Палевски Палчо и дека сметал оти требало да извршат само грабнувања и се изненадил кога Палчо ги застрелал Вања и Панче.
Обвинетиот одговарајќи на прашања на неговиот бранител, во детали ги образложи грабнувањата на Вања и Панче, при што посочи дека координатор и извршител на убиствата бил Палевски. Тој нагласи дека после убиството на Панче, продолжил со грабнувањето на Вања поради страв и закани од Палевски кон него и неговото семејство.
Манев потенцираше дека сметале оти треба да грабнат жена на 38-40 години и дека се обиделе да го предомислат Палевски откако виделе дека грабнале дете. Воедно, кажа дека за грабнувањата им биле ветени по 150 илјади евра.
Манев посочи и дека бил изложен на тортура при неговите распити за што рече дека има и докази.
Потоа обвинителството предложи да се прочита исказот даден во обвинителството, поради разликите со неговиот исказ даден ред суд.
Според најавеното, по сослушувањето на Манев, треба да сведочи Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и на крај Палевски.
