Путин ги паузира нападите врз енергетските објекти
Ова е прв чекор кон мир кој треба да продолжи со спроведување на поморскиот прекин на огнот во Црно Море и на крајот траен крај на борбите-оцени Трамп, сепак, негираше дека темата за воена и разузнавачка помош воопшто се појавила во разговорите...

Рускиот претседател согласен да ги паузира нападите врз енергетската инфраструктура во Украина, но не и да прифати целосен прекин на огнот-став на Путин по телефонскиот разговор со Трамп.
„Клучниот услов за спречување на ескалација на конфликтот и работа кон негово решавање преку политички и дипломатски средства треба да биде целосен прекин на странската воена помош и доставување разузнавачки информации за Киев“, стои во соопштението од Кремљ.
Ова е прв чекор кон мир кој треба да продолжи со спроведување на поморскиот прекин на огнот во Црно Море и на крајот траен крај на борбите-оцени Трамп, сепак, негираше дека темата за воена и разузнавачка помош воопшто се појавила во разговорите.
„Сметам дека имавме одличен повик. Траеше речиси два часа. Зборувавме за многу работи и за постигнување мир. Разговаравме и за други работи, но не и за помош, за тоа воопшто не стана збор“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Украина е подготвена да ги поддржи сите предлози што водат кон мир со Русија, но мора да биде дел од преговорите-истакна Зеленски.
„Ќе ги поддржиме сите предлози што водат кон одржлив, праведен мир. Но, мора да разбереме што е во прашање. Кои се деталите? Има две страни во оваа војна – Русија и Украина. Обидот да се преговара без Украина, според мене, нема да биде продуктивен“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Набргу по завршувањето на повикот, во Киев се огласи предупредување за воздушен напад проследено со експлозии во градот. Преговорите на САД за Украина продолжуваат в недела во Саудиска Арабија.
