Таравари: Првите критични 72 часа ги минавме без нови смртни случаи
Министерот за здравство рече дека изминатото деноноќие нема починати, а едно преживеано лице е пуштено на домашно лекување. Се надеваа дека од следната прес-конференција ќе се зборува за тоа колку пациенти ќе си одат дома...

Добро е тоа што во првите критични 72 часа поминаа и нема ниту еден починат пациент од лицата повредени во трагичниот настан во Кичево, изјави на денешната прес-конференција министерот за здравство Арбен Таравари.
„Вкупно се третираат 178 пациенти низ различни здравствени установи, од кои 64 се во болниците во Македонија и 13 пациенти се во приватните болници во Македонија. Сите во релативно стабилна состојба. Во моментов 101 пациент се третираат надвор од државата, сите во релативно стабилна состојба“, рече Таравари.
Тој рече дека изминатото деноноќие нема починати, а едно преживеано лице е пуштено на домашно лекување. Се надеваа дека од следната прес-конференција ќе се зборува за тоа колку пациенти ќе си одат дома.
Како што посочи, во 11:30 часот за Шведска денеска ќе бидат пренесени двајца пациенти, а после пладне уште тројца пациенти. Тој напомена дека може да се очекува во текот на следните денови и враќање на одредени пациенти кои се лекуваат надвор од државата.
Последниот транспорт на пациенти е денеска. Веќе нема да има лекување на пациенти надвор од државата, дури може да чекаме некои и да се враќаат во следните денови. Денеска има само за Шведска, и тука завршуваме. Веќе нема потреба за другите пациенти да се лекуваат надвор од државата, рече Таравари на денешната прес-конференција.
