Балканот повторно зафатен од големо невреме

06.08.2014 17:21

Надлежните издадоа црвен метеоаларм во повеќе региони, меѓу кои и Белград и предупредување на екстремни временски услови, потенцијално опасни по живот...

Циклонот Бранко што донесе нова пустош на Балканот ја однесе првата жртва во Србија – постар човек се удавил во подрумот на семејната куќа во Бања Ковиљача. Надлежните издадоа црвен метеоаларм во повеќе региони, меѓу кои и Белград и предупредување на екстремни временски услови, потенцијално опасни по живот. Најтешко е во Косјерич, каде што на помош пристигна војската – нема струја, а изворите од кои се снабдува со вода се заматени.

„Штотуку се опоравивме од првата поплава, веднаш втора, а синоќа и трета. Исчистивме колку да не внесуваме кал дома, а сега влезе внатре“, рече жена од Косјерич.

„Имаме вода, немавме струја но дојде, но тоа не ни пречи. Ни пречи ова чудо. Ова е веќе трет пат. Никој не дојде да го исчисти коритото на реката“, вели уште една жена од Косјерич.

Српскиот хидрометеоролошки завод соопшти дека се уриваат рекорди –најдождовнен јули од почетоците на мерењето, а сега и август со дури 17 дождовни денови. Жителите на Србија и во Босна и Херцеговина се прашуваат како да ги преживеат овие индиски монсуни што носат поплави секој втор ден.

„Три дена две поплави. Еве, можете да видите, што имаше, се отиде. Два ипол месеци никој не приоѓа овде“.

„Ситуацијата е тешка. Поплави секоја втора вечер. Работиме, се мачиме, слабо ни помагаат. Доаѓа по некоја машина, но не можат да стигнат секаде“, велат жителите на Косјерич.

Во Ваљево удар на гром во трафо-станица, струја нема и во Ужице и во Крушевац. Надојдената вода изби од шахтите кои немаа капацитет да примат толкави врнежи. Во Босна и Херцеговина се очекува врнежите да стивнат уште денес. Грачаница е претворена во езеро, а загрижувачки е во Тузланскиот кантон – граѓаните од час во час пријавуваат нови поплави и свлечишта. Затворени се повеќе патни правци, спасувачките екипи не успеваат да дојдат до загрозените.