Контроли по трагедијата во Кочани

Инспекторите на терен, три дискотеки не исполнуваат услови за работа

19.03.2025 16:32

По вчерашните контроли на Државниот пазарен инспекторат, од 12 објекти со активна лиценца, три не исполнуваат услови, а сепак активно вршат дејност. Во тек е проверка на документацијата…

Полициски службеници додека правеле контрола на ноќните клубови и дискотеки го затекнале 58-годишниот сопственик на еден од објектите како внесува противпожарни апарати во неговиот клуб. По направената контрола внатре пронашле пиротехнички средства и го уапсиле.

Лицето било лишено од слобода и во полициска станица, во присуство на адвокат, со него бил извршен службен разговор, а од инспектор за заштита и спасување издадени се прекршочни платни налози и издадено е решение за забрана за работа до отстранување на неправилностите.

За случајот е известен и јавен обвинител.

Инспекциите се на терен. Три угостителски објекти ќе бидат затворени, не ги исполнуваат условите, а имаат активни лиценци, утврдено е при најновите контроли на 12 објекти. Во останатите девет, сè уште трае проверката на документацијата.

Се прави поопсежна истрага во која се вклучени повеќе институции, МВР, Министерство за економија, трудов инспекторат. Се испитува и дали има техничка документација за сите тие објекти на територија на целата држава.

Александра Велинова