Состојбата кај пациентите кои се лекуваат во земјава не е животозагрозувачка
Ги минавме првите критични 72 часа без нови смртни случаи – министерот за здравство, Арбен Таравари, информираше за здравствената состојба на повредените. Се надева дека сите пациенти ќе закрепнат. Се нормализира работењето на хируршките клиники. Од владата информираа и за пациентите хоспитализирани во клиниките надвор од земјава…

Состојбата кај пациентите кои се лекуваат во земјава не е животозагрозувачка, виталните параметри се стабилни, информираат здравствените власти.
Во континуитет се прават преврски на раните, се отстранува изумреното ткиво и се прават тријажи за пациентите кои ќе бидат упатени во странство, во зависност од степенот и опсегот на повредите, информираше директорот на Градската општа болница „8 Септември“, д-р Синиша Стојаноски, каде од вкупно хоспитализираните 77, се лекуваат 15 пациенти.
Помош имаат од лекарските тимови од Србија и Израел кои доаѓаат од специјализирани клиники за ваков тип на повреди. Состојбата на 11 повредни, сместени во Клиниката „Св. Наум Охридски“ е стабилна, потврди директорот на клиниката Насев.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, рече дека натамошните фази бараат специфично искуство кое нашите клиники го немаат.
На еден пациент во Солун веќе му е извршена трансплантација на кожа на рацете. Во наредниот период ќе се разгледува потребата за обновување на клиниката за изгореници или за договор со клиника од странство каде би се третирале пациентите.
Пристигнува и лекарски тим од Англија кои ќе помагаат во планирањето на следната етапа на лекувањето на пациентите, кое според директорот на ФЗОМ ќе биде долгорочно.
Владата останува посветена на логистичка и финансиска помош на семејствата на пациентите кои се лекуваат во странство, рече портпаролката на Владата.
Марина Стојанова – Тонева
