Разрешен директорот на кумановската болница
Разрешен е директорот на кумановската болница Трајановски. Министерот Таравари информираше дека е формирана комисија која ќе го истражува случајот со починатиот 32-годишен кумановец, додека примал терапија. Семејството обвинува за лекарска грешка...

Стефан Трајановски е разрешен од функцијата прв човек на кумановската општа болница. Разрешувањето следи откако во установата почина 32-годишно лице додека примало терапија. Семејството обвинува за лекарска грешка, бидејќи му била дадена инфузија со лек на кој е алергичен. Министерот Таравари информираше дека по изготвениот извештај од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, има предуслови за истрага и разрешување. Веќе утре ќе назначи нов менаџер на установата.
„Целата документација треба професионалниот тим од министерството за здравство да дојдат и да ги разгледаат сите документи уште еднаш и потоа сите ќе бидат предадени во обвинителството. Се надевам дека судството ќе донесе правична одлука доколку постои лекарска грешка. Но треба да бидеме свесни дека и тие што водиме институции и тие што лекуваме пациенти доколку има пропусти мора да се одговара“, нагласи првиот човек на македонското здравство.
Таравари одби да даде детали за случајот. Остави надлежните да истражуваат. Досегашниот директор за разрешувањето дозна од медиумите. До установата сè уште не пристигнало решението за разрешување. Во вчерашната изјава за медиумите тој појасни дека момчето веќе двапати доаѓало за помош поради стомачни тегоби. Во болницата веќе е формирана комисија која истражува. Тој ги информирал и надлежните органи.
Трајановски на позицијата беше назначен од јули минатата година.
Елена Георгиевска
