Кривичен суд

Второобвинетиот Манев продолжи со неговата одбрана на денешното рочиште за двојното убиство

19.03.2025 16:54

Ново рочиште во Кривичен за убиството на Вања и на Панче. Продолжи испитување на обвинетиот Велибор Манев. Вели причината за убиството на Вања и Панче е прашање кое треба да се упати на обвинетиот Љупчо Палевски.

Љупчо Палевски ја одлепил лентата од устата на Вања Ѓорчевска, ја фотографирал со вперен пиштол, а откако ја убил, оружјето заедно со моторолите кои групата ги користела, ги спакувал во син ранец. Ова го тврдеше второобвинетиот Велибор Манев на рочиштето за двојното убиство на Ѓорчевска и Панче Жежовски. Додаде дека ранецот потоа бил земен и уништен од стана на послушник на Палевски, но и дека досега не го споменал овој момент за да го заштити ова лице, чиј идентитет и натаму не го открива. Второбвинетиот Манев остана на ставот дека неговата изјава за поврзаноста на таткото на Ѓорчевска, Александар со убиството била изнудена, како последица на наводна полициска бруталност врз него.

Одбраната на таткото на Ѓорчевска задоволна од исказот на второбвинетиот Манев, со кои како што велат, се докажува и нивната теза, дека Александар нема врска со убиствата.

Второбвинетиот Манев лаже, тврди одбраната на Палевски.

Доколку е потребно, Обвинителството нека ја запре постапката, се до пронаоѓање на личноста која е посочена дека го зела и уништила ранецот со оружјето и другите докази, побара одбраната на Палевски претставена од адвокатот Јовица Страшевски, кој остана да го брани првообвинетиот, откако изутрината, адвокатот Марјан Витановски го откажа полномоштвото за неговата одбрана.

 

Марија Котовска