Кривичен суд

Одреден 30-дневен притвор за 7 полициски началници и службеници

19.03.2025 20:42

30-дневен притвор за седум полициски началници и службеници одреди Основниот кривичен суд во Скопје поради поврзаност со незаконско издавање на лиценцата на кочанската дискотека...

Полициските службеници, инаку раководни лица во Секторот за внатрешни работи Штип и Полициската станица од општа надлежност Кочани, се осомничени за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.

Триесет дена притвор им е одреден на сите седуммина полициски службеници против кои Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска отвори истрага, а во врска со трагедијата во Кочани.

Односно објектот во кое работело т.н. кабаре во Кочани.

Осомничените полициски службеници попладнево се спроведени во Основниот кривичен суд Скопје, а по предлогот за определување мерка притвор, според соопштението од Судот одлучувале неколку судии на претходна постапка.

„Се прифаќа предлогот на ОЈО и на сите седум осомничени, им се определува мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 став 1 точки 1, 2 и точка 3 кај одредени осомничени, односно опасност од бегство, околности кои укажуваат дека ќе ја попречат истрагата со влијание врз сведоци и околности кои укажуваат дека може да го повторат делото“, соопштија од Кривичен.

Како што наведуваат од Судот, кривичното дело за кое се сомничат е поврзано со издавање согласност за функционирање на локалот во Кочани каде се случи пожарот во кој животите ги загубија 59 лица, а над 150 се здобија со тешки телесни повреди.

Против решенијата за притвор, осомничените во постапката имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд.

Повеќе детали за улогата со осомничените полицајци соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, имено, како што кажа, министерот дел од осомничени, како раководни лица, односно началници во СВР Штип констатирале дека т.н. кабаре во Кочани ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќајот, со што му овозможиле да се стекне со лиценца за кабаре клуб иако локалот не ги исполнувал условите.

Полициските службеници беа спроведени на распит во скопскиот Кривичен суд бидејќи тој е единствено надлежен да поставува по предметите што ги води Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Инаку, истрагата против полициските службеници се спроведува одделно од онаа во Кочани, а за која надлежно е тамошното Основно јавно обвинителство и каде во моментот постапката е во фаза на предистрага во која засега се опфатени 18 лица.

Игор Панов