Регионот и светот сочувствуваат со Македонија за настраданите во пожарот во Кочани
За трагедијата во Кочани континуирано известуваат и медиумите во Бугарија. Јавуваат и за крводарителската акција во Благоевград каде што десетици жители даруваа крв за настраданите од Кочани кои се лекуваат во Бугарија. За трагедијата во Кочани јавуваат и светските медиуми...

Регионот и светот сочувствува со Македонија. Најтажен ден, Македонија ги испраќа настраданите во пожарот во дискотеката во Кочани – српските медиуми пренесуваат за погребната церемонија на 59-те жртви. Известуваат и за состојбата на повредените, како и за истрагата на Јавното обвинителство и МВР.
За трагедијата во Кочани континуирано известуваат и медиумите во Бугарија. Македонија се збогува со младите загинати во пожарот во Кочани. Во Софија илјадници граѓани со едноминутен молк им одадоа почит на починатите во пожарот во Кочани. Бугарските медиуми, јавуваат и за крводарителската акција во Благоевград каде што десетици жители даруваа крв за настраданите кои се лекуваат во Бугарија. За трагедијата во Кочани јавуваат и светските медиуми.
Би-Би-Си пренесува приказни од преживеаните во пожарот и искази од семејствата на настраданите. Светската агенција Асошијетед прес постојано известува за се што е поврзано со трагедијата, а погребната церемонија ја пренесуваше во живо.
Градскиот совет на австралискиот град Перт, пак, ја осветли зградата во боите на знамето на Македонија во знак на сеќавање на изгубените животи во страотната трагедија во Кочани. И Националната галерија и плоштадот на Федерацијата во Мелбурн беа осветлени во боите на црвено жолто, а жителите палеа свеќи за жртвите во трагедијата во Кочани. Нашите срца се во тешка и длабока тага, државата Викторија стои заедно со македонската заедница, пишува во Фејсбук објавата.
