Трагедија во Кочани

Таравари: Состојбата на повредените е стабилна, од следната недела очекуваме враќање на некои пациенти од странство

20.03.2025 10:30

На лекување надвор од државата се испратени 101 пациент, а добро е тоа што од следната недела може да очекуваме некои од нив да се вратат назад во земјава, нагласи министерот Таравари...

Состојбата на повредените пациенти во трагичниот настан во Кочани е стабилна и добра и истата се подобрува, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство, Арбен Таравари. Од 20 критични пациенти, сега само 10 се во критична состојба, но со стабилни параметри.

Кажа дека во земјава се лекуваат 72 пациенти, од кои на Клиничкиот центар 34, во ГОБ „8 Септември“ има 15, во старата градска болница 11, во Штип има еден пациент, а 11 пациенти во приватните клиники во земјава.

На лекување надвор од државата се испратени 101 пациент, а добро е тоа што од следната недела може да очекуваме некои од нив да се вратат назад во земјава, нагласи министерот Таравари. Додаде дека има понуди од повеќе странски земји кои може да примат нови пациенти, па можно е да се испратат надвор уште 10, за што дополнително кризниот штаб треба да разговара.

Добра вест е тоа што вчера се пратени на домашно лекување тројца пациенти, а утре се очекува да се испишат уште тројца, соопшти Таравари.