Досега донирани 30 милиони денари за помош на настраданите семејства во трагичниот настан во Кочани
Од Црвениот крст ги предупредија граѓаните да внимаваат да не уплаќаат пари на други сметки освен на валидната сметка на Црвениот крст, бидејќи за жал се појавија многу лажни повици за донации од луѓе кои ја злоупотребуваат маката на настраданите за да се здобијат со лична корист.

30 милиони денари се донирани до сега на солидарната сметка на Црвениот крст за помош на настраданите семејства во трагичниот настан во кочанската дискотека, велат од институцијата.
Во однос на материјалната помош од корпоративниот сектор се собрани постелнини, ќебиња и друго кои се донираат во болниците. Но, од Црвениот крст ги предупредија граѓаните да внимаваат да не уплаќаат пари на други сметки освен на валидната сметка на Црвениот крст, бидејќи за жал се појавија многу лажни повици за донации од луѓе кои ја злоупотребуваат маката на настраданите за да се здобијат со лична корист.
На социјалните мрежи може да се видат лажни профили кои бараат донации за настраданите семејства во Кочани, други граѓани, пак се обединија за да ги осуетат овие лажни профили повикувајќи ги граѓаните да не наседнуваат на овие повици.
За разлика од ваквите, хуманите луѓе и од соседните држави преку Црвениот крст веќе собираат донации за да ги префрлат на Црвениот крст во земјава.
Фиљана Кока
