Се стабилизира здравствената состојба на повредените во страотниот пожар во кочанската дискотека
Состојбата на повредените се подобрува. Од 20 критични пациенти, бројот е намален на 10. Тројца од Скопските клиники си заминуваат дома...

Се стабилизира здравствената состојба на повредените во страотниот пожар во кочанската дискотека. Тројца пациенти заминале на домашно лекување, а уште тројца се подготвуваат да ги напуштат болниците. Кризниот штаб донесе одлука на сите повредени, пред да бидат испишани да им се прават токсиколошки анализи.
Се подобрува состојбата и на покритичните пациенти кои се лекуваат во други држави – од 20, сега 10 се во потешка состојба, но надвор од животна опасност. Идната недела, дел од повредените кои се третираат во соседството или други европски земји, закрепнувањето ќе го продолжат на скопските клиники.
„Сите пациенти кои што се лекуваат во државата и надвор од државата се во стабилна и добра состојба. Повеќето од нив се подобруваат. Од вкупно 20 што беа критични пациенти, денеска констатираме дека се десет потешки пациенти. Тоа што повторно и тие се стабилни надвор од животна опасност“, изјави Арбен Таравари – министер за здравство.
Здравствените власти прават проценка дали уште 10 пациенти ќе заминат на лекување во странство. Изминатите денови во соседството или во други европски земји замина 101 пациент. На Скопските клиники се хоспитализирани 72-ца. Лекувањето се одвива во неколку фази.
„Првата фаза е онаа во која што се витално загрозени пациентите и се трудиме да ја преминеме, после доаѓа фазата на реконструкција на воспоставување на колку толку нормален начин на живот, значи санирање на повредите и третата фаза би била фаза на рехабилитација“, изјави д-р Небојша Настов – директор на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“.
Возачот на Итната медицинска помош Илчо Гоцевски кој трагичната ноќ неуморно превезувал повредени од Кочани до Скопските клиники, а починал откако заминал дома, Министерството за здравство постхумно ќе го одликува за придонес во спасување на настраданите во пожарот.
Андријана Ѓурческа