Локализиран пожарот во трафостаницата во Лондон
Локализиран е пожарот во трафостаницата во Лондон. Противпожарната бригада соопшти дека огнот е ставен под контрола, но авионите нема да сообраќаат...

Аеродромот Хитроу во Лондон-еден од најпрометните центри во светот, е затворен поради прекини во електричната мрежа по голем пожар што изби во блиската трафостаница. Противпожарната бригада соопшти дека огнот е ставен под контрола, но авионите нема да сообраќаат. Сè уште се истражува која е причината за огнената стихија.
„Не ја знаеме причината за овој пожар. Но со мрежата никогаш не сме имале ваков проблем.Очигледно ова е огромно нарушување за воздушниот сообраќај на Хитроу“, изјави Ед Милибанд, државен секретар за енергетска безбедност.
Поради несреќата повеќе од 1.300 летови се откажани на Хитроу, а над 145 илјади патници останаа заглавени. Ањана Катва која требало да лета за Портланд, била вратена од полицијата.
„Додека се приближувавме до терминалот, таксистот коментираше дека е навистина темно. Сите улични светла беа исклучени. Прашав дали е тоа нормално, ми рече дека не е и не сфаќа зошто.Тогаш не пресретна полицискиот автомобил и ни беше кажано дека не можеме да влеземе бидејќи имало пожар во трафостаницата во Хејс. Сите летови биле откажани и ни рече да се вратиме дома“, изјави Ањана Катван, патничка.
За аеродромот повторно да се врати во нормала ќе бидат потребни најмалку два до четири дена – велат воздухопловните експерти.
„Приоритет е да се отвори аеродромот и да се види и провери системот за напојување. Ќе бидат потребни 2 до 4 дена, бидејќи штом аеродромот ќе се отвори, не се работи само за продолжување со утрешните летови, туку и за останатиот дел и импликациите што се случија“, изјави Анита Мендирата, експерт за туризам и авијација.
Без струја останаа и илјадници домаќинства. Околу 150 луѓе од околните места беа евакуирани. Како мерка на претпазливост воспоставена е безбедносна зона од 200 метри, а жителите се советуваат да не излегуваат и да ги држат прозорците и вратите затворени.
Бојана Крстевски
