Премиера на филмот за Светите Кирил и Методиј вечерва на „Охридско лето“
07.08.2014 10:57
Историскиот филм за светите браќа Кирил и Методиј е дело на чешкиот режисер Петр Николаев...

Празникот на Свети Климент Охридски, патронот на градот Охрид оваа година ќе биде одбележан и во рамки на фестивалот „Охридско лето“, со македонската премиера на филмот „Апостоли на словените – двајца браќа една животна мисија“.
Историскиот филм за светите браќа Кирил и Методиј е дело на чешкиот режисер Петр Николаев, а во продукција на Виктор Криштоф, кој ќе биде специјален гостин на вечерашната премиера. Новиот филм за светите браќа е снимен по повод 1150-годишнината од почетокот на мисијата на Кирил и Методиј во Моравија и се бави со прикажување на нивните дела во ширењето на словенската писменост.
Македонската премиера на филмот за светите Кирил и Методиј, на фестивалската програма на „Охридско лето“ е заслуга на нашите иселеници Нован Буџакоски и Александар Глигуроски, охриѓани кои веќе 15 години имаат успешен бизнис во Прага.
Според нив Охрид е единственото место кое заслужува прикажување на овој филм, а празникот на патронот на градот е избран како најсоодветен термин за делото да го видат како охриѓани така и гостите кои се тука во текот на летото.
