Македонија

Психолошка поддршка за граѓаните погодени од трагедијата во Кочани

21.03.2025 16:31

Трошоците за лекување, како и сместување за семејствата се на товар на владата, најавена еднократна финансиска поддршка од 150 илјади денари. Психолошката помош која ќе ја добиваат погодените од несреќата, веќе функционира во училиштата во Кочани и на универзитетот во Штип...

150 илјади денари, како првична еднократна помош, ќе добие секое семејство погодено од трагедијата во кое има починат или член кој е на лекување во земјава или во странство. Од Владата велат дека ова е само почеток на помошта и дека граѓаните треба да ги следат насоките на Владата и Црвениот крст за сметките на кои ќе донираат.

Психолошката помош која ќе ја добиваат погодените од несреќата, веќе функционира во училиштата во Кочани и на универзитетот во Штип. Освен оние во мрежата од 100 училишни психолози со помош на УНИЦЕФ, Институтот за психологија и од Комората на психолози како и клинички психијатри, на веб-страницата на министерството стојат телефонските броеви на 40 психолози кои се на располагање во секое време.

Докторот Мерџановски опишувајќи ја целата ситуација на клиниките и прифаќањето и третирањето на повредените, посочи дека одлуката за активирање на механизмот на ЕУ за помош во цивилни кризи, според директорот на СЗО за нашиот регион, била оценета позитивно.

Митева изјави дека инспекторите од Државниот пазарен инспекторат во текот на контролите до сега кај 13 објекти, од 23 што имале лиценци, констатирале дека не ги исполнуваат минимум техничките услови. Освен што ќе им се одземе лиценцата ќе им биде забрането за вршење дејност. А можно е да одговараат и кривично.

 

Фиљана Кока