Здравство

Повредените се во стабилна состојба, десет ќе бидат пуштени на домашно лекување

21.03.2025 16:11

Повредените се во стабилна состојба, десет ќе бидат пуштени на домашно лекување. Трошоците за лекување и сместување за семејствата се на товар на Владата. Најавена финансиска помош од 150 илјади денари.

Речиси сите 162 лица повредени во пожарот во Кочани, се стабилни, информира Министерството за здравство. 10 пациенти коишто се хоспитализирани во земјава, се пуштаат на домашно лекување. Во странските болници во моментов има 115 пациенти и веќе нема да има нови упатувања од Македонија, информира министерот за здравство Арбен таравари.

И пациентите донесени на Клиниката за токсикологија се стабилни, благодарение пред сè, на навремената реакција.

Сите седуммина пациенти кои се лекуваат на Клиниката за токсикологија во Скопје, поради вдишување на отровни чадови, се наоѓаат добра општа состојба и се стабилни, вели директорот на Клиниката, Чибишев. Додава дека сепак, резултатите од лабораториските истражувања сè уште не се во границите на референтните вредности, па тие сè уште не може да се пуштат на домашно лекување.

Лекувањето е бесплатно и нема потреба од собирање на донации, порачаа од Министерството за здравство. Владата има обезбедено средства за патување и сместување на по двајца родители или роднини на секој од пациентите што се лекува во странство.

 

Марија Котовска