Трагедија во Кочани

Судска медицина ги објави резултатите, кај сите настрадани во пожарот констатирана насилна смрт од задушување

21.03.2025 16:50

По завршување на обдукциите на 59-те жртви во несреќата, денеска Судска медицина излезе со резултатите. Кај сите настрадани е констатирана насилна смрт од задушување што е предизвикано директно од пожарот – изјави раководителот на Институтот, Александар Станков...

Причината за смртта кај сите 59 настрадани е насилно задушување од пожарот во дискотеката „Пулс“, Институтот за судска медицина излезе со резултатите. Дел од нив имале изгореници од прв и од втор степен. Тројца, изгореници од четврт степен. Кај загинатите биле утврдени и скршеници на ребра, како и задушување поради притисок што се случува при стампедо. Се работат токсиколошките анализи за да се утврди што е присутно во крвта, но за време на обдукциите кај најголем дел од нив имало јаглерод моноксид, кој влијае на централниот нервен систем, ги онеспособува жртвите и смртта може да настане многу брзо.

Обдукции ги направиле шесте тимови од судска медицина заедно со МВР, патолози и помош од судска медицина во Тетово. За помош се понудиле и колеги од Грција, Србија и Бугарија.

Во март се очекува за бидат завршени сите извештаи за направените обдукции. Потоа сè ќе биде доставено до надлежното јавно обвинителство. Облеката и личните предмети на загинатите кои се најдени за време на обдукциите се во Институтот и тие се во надлежност на Јавното обвинителство. Можат да бидат земени како докази во судска постапка.

 

Александра Спировска