Николоски: Министерството за транспорт со обемни контроли на лиценците
Се спроведуваат контроли на сите лиценци согласно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање. Од издадени над 1.100 лиценци проверени се 643. Кај 97 по издавањето на лиценците, правните лица престанале да ги исполнуваат условите. Контролите продолжуваат...

Откако ги добиле лиценците, дел од правните субјекти престанале да ги исполнуваат условите за работа. Такви биле дури 15% од фирмите за проектирање и надзор, рече министерот за транспорт Александар Николоски. Од неговото министерство до сега се проверени над 640 лиценци од вкупно 1.100, а одземени се 97. Најголем дел се однесуваат за лиценца „Б“, односно за градби од втора категорија.
Николоски рече дека во тек е проверка на сите лиценци кои се издавале од институциите.
До вторник се очекува да бидат завршени сите проверки. Целиот извештај, како што кажа министерот, ќе биде доставен до МВР и до Јавното обвинителство, од кои очекува соодветно да постапуваат.
Вицепремиерот најави промена на законите кои имаат недоречености, особено во делот на контролата.
Што се однесува до дискотеката „Пулс“ во Кочани, рече дека проблемот бил во реконструкцијата, која била без никакво одобрение. Приватна фирма требало да утврди дали објектот е според одредени стандарди.
Паралелно, Николоски кажа дека се проверуваат и сите издадени лиценци во делот на патниот превоз, каде периодов имаше еден куп неправилности.
Борис Грујоски