словенија

Муцунски во посета на Словенија каде четворица повредени се на лекување

21.03.2025 18:30

Министерот за надворешни денеска беше во Љубљана. Во моментов четворица повредени се на лекување во Словенија. Двајца од повредените се во Универзитетскиот медицински центар во Љубљана, а двајца се во Клиничкиот центар во Марибор. Муцунски најави средби со семејствата на повредените …

Не одам во посета на македонските пациенти кои се згрижени во болниците во Љубљана и Марибор, зашто не сум лекар. Сепак ќе се видам со семејствата на повредените за да ја искажам нашата целосна поддршка, изјави Тимчо Муцунски, шефот на македонската дипломатија по средбата во Љубљана со министерката за надворешни на Словенија Тања Фајон. Таа изрази сочувство во книгата на жалост во македонската амбасада.

„Им посакувам на сите итно заздравување. Им искажувам најискрено сочувство на македонскиот народ и на сите роднини на жртвите во мое име и во име на словенечката влада. Се надевам дека вакво нешто веќе нема да се случи“, изјави Тања Фајон-министерка за надворешни работи на Словенија.

„Нашата влада е посветена и ќе продолжи со борбата за искоренување на корупцијата. Овој трагичен инцидент се случи поради корупцијата на системот што постои во нашата земја. Во последните неколку денови има силни активности на Министерството за внатрешни и на обвинителството, и секој којшто има директна врска или одговорност не само за овој инцидент, ќесе најде пред лицето на правдата. Тоа е улогата на судскиот систем“, изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи на Македонија.

Доколку Европа беше сама немаше да се справи со ваков несразмерно тежок инцидент, велат словенечките здравствени работници.

„Ниедна држава не може сама да се справи со ваква трагедија, среќни сме што можеме да придонесеме и секогаш ќе бидеме за вас ако треба. Ова е доказ дека само Европа во целост може да се справи со вакви состојби. Никој сам не може да се справи дури и со нешто слично“, изјави д-р Марко Југ-директор на Универзитетскиот клинички центар во Љубљана.

„Двајца пациенти се сместени во универзитетскиот клинички центар и уште двајца во универзитетскиот центар во Марибор. Добрата вест е дека иако нивната состојба е критична, таа сепак постепено се подобрува. Им благодариме на сите кои помогнаа за овие пациенти да пристигнат во Словенија“, изјави Валентина Преволник-Рупел, министерка за здравје на Словенија.

Претходно, министерот Муцунски беше во Грција, Бугарија, Хрватска и Австрија каде што беа испратени пораки на неподелена поддршка на земјава. Веднаш по трагичниот инцидент во Кочани, владата побара, по што Брисел го активираше механизмот за цивилна заштита и операции за помош на Македонија.

 

Зоран Богатинов