Пожар

Човечки фактор причина за големиот пожар во Струмица

22.03.2025 13:06

Запалени суви гранки од резидба на овоштарник и сува вегетација на необработени ниви се причини за пожарот во Струмица кој се закануваше и куќите во приградската населба Софилар и населеното место Баница. Надлежните апелираат земјоделците да не ги палат стрништата и земјоделскиот отпад...

Запалени суви гранки од резидба на овоштарник и необработени ниви со сува вегетација причина за големиот пожар што се случи синоќа меѓу градот Струмица и населеното место Баница. Пожарот кој опфати десетици хектари површини со необработени ниви и пасишта се закануваше и по куќите во приградската населба Софилар и селото Баница.

Во пресрет на пролетната сеидба, земјоделците да не ја палат сувата вегетација по нивите. Палењето огнови на отворено, вклучително и стрништа но и земјоделски отпад е кривично дело потсетуваат надлежните.

Во гаснењето на пожарот синоќа во Струмица беа вклучени противпожарни екипи и од околните градови. Цели два часа траеше нивната борба со пожарот кој беснееше.

Во населбата Софилар во Струмица живеат над 100 домаќинства. Синоќа постоеше опасност да бидат зафатени првите викендички и куќи не само во ова населба туку и во населеното место Баница.

ЦУК објави дека овој месец во земјава се евидентирани 484 пожари на отворен простор од кои 23 се шумски додека во останатите 461 гореше висока сува трева, стрништа и нискостеблеста деградирана шума како и ѓубришта.

 

Ване Трајков