30 повредени се лекуваат во Србија
17 повредени лица од Кочани се лекуваат во Ургентниот центра во Белград, двајца се на механичка вентилација, двајца се оперирани, генерално пациентите се во добра состојба и под постојан надзор на медицинските тимови – информираат од Клиниката за пластична хирургија. Докторите велат нема потреба од дарители на кожа за пациентите кои се подложни на оперативни зафати.

Во Србија на лекување се 30 тешко повредени лица од големиот пожар во Кочани. Најмладиот пациент има 17 години. Директорот на Клиниката за пластична хирургија и реконструкција Стојичиќ, вели дека во овој момент не се потребни дарители на кожа. Има и доволно залихи на крв и се што е потребно за лекувањето на повредените лица. Од 17 повредени во Ургентно во Клиничкиот центар во Србија, двајца се на механичка вентилација, а двајца се оперирани. Тие се во добра општа состојба, а постоперативниот тек тече уредно, вели тој. Додава дека во текот на наредните денови ќе бидат оперирани уште 5-6 повредени.
„Имаме и добри вести. Неколку пациенти ќе бидат преместени на одделение, бидејќи нивната функција со дишењето се враќа во нормала, а изгорениците се такви што не бараат закрепнување во единицата за интензивно лекување. Се работи за млади луѓе, најмладиот има 17 години, 35 години има еден пациент, а другите се на околу 20 годишна возраст. Кај оние со тешки изгореници, ќе мора нивната сопствена кожа да се земе од одредени регии на телото и да се трансплантира на регии што се оштетени од изгореници“, изјави проф. д-р Милан Стојичиќ-директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Клиничкиот центар во Србија.
Доктор Стојичиќ очекува дека кај оперираните закрепнувањето ќе биде 100 проценти успешно, но и со 80 проценти би биле задоволни. Потоа следува фаза на закрепнување. Бидејќи се работи за инхалациски повреди, секогаш е присутен и доктор анестезиолог кој им е посветен на пациентите, како и постојана грижа од пулмолог и бронхолог, што е најважно за нив, за постепено да се врати во нормала функцијата на дишење. Во случај да се јават други компликации, докторот појаснува дека имаат абдоминални хирурзи, нефролози и психијатри. Вели дека оние пациенти што се на механичка вентилација ситуацијата им е животозагрозувачка. Не ја исклучува можноста и од инфекции, како една од најчестите кои се јавуваат кај пациенти со изгореници, кои дополнително можат да го загрозат нивниот живот.
Александра Спировска
