Осминафинале во Торонто

07.08.2014 12:27

Програмата од пет меча денеска ја отвора мечот меѓу третиот носител Станислас Вавринка и јужноафриканецот Кевин Андерсон...

Шести ден на тенискиот Мастерс од серијата 1000 во Торонто и почеток на осминафиналните дуели.
 
Програмата од пет меча денеска ја отвора мечот меѓу третиот носител Станислас Вавринка и јужноафриканецот Кевин Андерсон. 
 
Швајцарецот  мораше да одигра три сета на стартот за да го елиминира францускиот адут Пер, додека Андерсон го изненади Фоњини со 7-5 и 6-2 во сетови.
 
На централниот терен во Торонто потоа треба да истрчаат првиот светски тенисер Новак Ѓоковиќ и Жо Вилфред Цонга. 
 
Уште еден Французин на патот до четврти трофеј на овој Мастерс за Србинот, кој вчера во првото појавување на турнирот со тешки маки успеа да го елиминира Монфилс со тај-брек во третиот сет. 
 
Ѓоковиќ го победувал Цонга на последните девет меча, и има серија од 18 добиени сета против него. На Ролан Гарос оваа година Французинот освои само 6 гејма а на Вимблдон беше 3-0 во сетови. 
Значи, за разлика од Монфилс, Цонга е предвидлив и оваа сезона далеку од вистинската форма, па малкумина очекуваат изненадување и веќе се зборува за дербито Ѓоковиќ – Мареј.
 
Британецот е исто така голем фаворит во мечот за четвртфинале против уште еден Французин, Ришар Гаске, кој во три сета го испрати на трибините хрватскиот сервер Иво Карловиќ.
 
Крајот на денешниот ден е предвиден за двобојот  на петиорангираниот Давид Ферер и Хрватот Иван Додиг, а претходно своето осминафинале ќе го одработат и седмиот носител Григор Димитров и Томи Робредо.
 
Полноќната програма на Мастерсот во Торонто ги содржи мечевите:  
Лопез - Бердих, Раонич - Бенето и Федерер – Чилиќ.
 
Преносот на МРТ Собранискиот сервис почнува од 17 часот.