Не се почитуваат стандардите при градење
Опсесивноста со профит ги тера инвеститорите да не размислуваат за ризиците и последиците од нивните постапки, вели деканот на Градежниот факултет Горан Марковски во интервју за Радио слободна Европа. Тој објаснува дека огромен број објекти треба да бидат затворени зашто не ги задоволуваат сите пропишани стандарди...

Поради зголемен профит, се штеди на безбедноста при градењето објекти, дури и таму каде што се собираат повеќе луѓе. да се запазиле сите прописи, закони и стандарди во областа на градежништвото, особено поврзани со заштита од пожари и експлозии, немаше да има ваква трагедија, вели Горан Марковски, декан на Градежниот факултет во Скопје. Градежните инспектори можат да спречат загуба на животи, но нив ги има се помалку, вели Марковски.
„Во големи средини, како што е Скопје, се бројат на прсти на една рака затоа што струката градежништво во последно време е неатрактивна. Да сте градежен инспектор не е едноставна работа, се работи за многу чувствителна дејност којашто треба да биде добро наградена и добро платена, но и добро контролирана, за да не се премолчуваат одредени работи во изградбата“, изјави Горан Марковски-декан на Градежниот факултет.
Дел од инвеститорите не размислуваат за ризиците и последиците од пропустите при градењето на објектите.
„Најверојатно се работи за една опсесивност по што поголем профит и потенцијалните инвеститори водејќи се од тоа начело, жртвуваат, ги сметнуваат од ум ризиците и последиците кои може да настанат од таквиот пристап. Тука им се придружуваат и сите оние кои треба да го спречат таквиот пристап, односно да го коригираат. Тука не би ја издвоил ни инженерската средина. И доаѓа до едно заедничко здружување, јас дури би рекол и непријателско здружување, непријателско кон државата, кон функционирањето на системот коешто доведува до такви несакани настани.“, изјави Горан Марковски-декан на Градежниот факултет.
Потребна е робустна акција за откривање на пропустите при градењето, прво проверка на сите лиценци и дозволи за градба, а потоа и проверка дали се почитуваат пропишаните стандарди и правила.Ссмета дека 80 проценти од изградените објекти треба да се затворат, оти не ги исполнуваат сите пропишани правилници за заштита од пожари.
Ирина Гелевска
