Кривичен суд

Продолжува судењето за двојното убиство

24.03.2025 08:40

Продолжува денеска судењето за двојното убиство во Основен Кривичен суд Скопје. На изминатото рочиште беше сослушуван Велибор Манев, еден од обвинетите....

Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска во Основен Кривичен суд Скопје. На изминатото рочиште беше сослушуван Велибор Манев, еден од обвинетите. Тој рече дека за грабнувањата ги координирал Љупчо Палевски Палчо и дека сметал оти требало да извршат само грабнувања и се изненадил кога Палчо ги застрелал Вања и Панче.

Манев беше испитуван од Љупчо Палевски и неговата одбрана при што му беа поставени повеќе прашања во однос на временските рамки за извршување на активностите при што посочија на неколку искази на Манев, според кои, настаните не се опишани идентично. Одговорот на Манев за причината за ова беше дека тоа е поради состојбата во која ги давал изјавите во тие моменти.

Претходно, Манев во детали ги образложи грабнувањата на Вања и Панче, при што посочи дека координатор и извршител на убиствата бил Палевски. Тој нагласи дека после убиството на Панче, продолжил со грабнувањето на Вања поради страв и закани од Палевски кон него и неговото семејство.

Според најавеното, по сослушувањето на Манев кое е предвидено да заврши денеска со прашања од Судот, треба да сведочи Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и на крај Палевски.