Во Турција масовни протести по апсењето на градоначалникот Имамоглу
Продолжува хаосот во Турција по смената на градоначалникот на Истанбул, не стивнуваат. Десетици луѓе излегоа на улиците во повеќе градови изразувајќи го револтот по апсењето на Имамоглу, на кого му е одреден притвор...

Продолжува хаосот во Турција. Канонада од камења и димни бомби, наспроти солзавец и водени топови. Истанбул и Анкара како бојно поле откако илјадници приврзаници на уапсениот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, излегоа на улиците по неговиот повик од затвор на масовни демонстрации.
Жестоките судири доаѓаат откако судот и формално му одреди притвор на Имамоглу осомничен за корупција и помагање на терористичка група. Опозициската „Републиканска народна партија“ го осуди потегот нарекувајќи го срам за судскиот систем. Најавија жалба.
„Судот пресуди за негово апсење, отстранувајќи го од функцијата. Потребните жалби брзо ќе бидат поднесени. Во меѓувреме ќе биде назначен заменик-градоначалник од општината кој ќе ја извршува функцијата додека не се докаже невиноста на Имамоглу или додека не му биде укинат притворот“, изјави Озгур Озел, лидер на “Републиканска народна партија'.
Претходно и демонстрантите пред градското собрание во Истанбул упатија порака до претседателот Ердоган.
„Го гледате народот. Се обидуваме да им ја покажеме нашата реакција. Единственото нешто што го сакаме на праведен начин. Во оваа земја ни е доста од вознемиреност, страв и притисок. Сè треба да биде слободно, еднакво. Ова е единственото нешто што луѓето го сакаат“, вели Анил Ек, демонстрант од Истанбул.
Иста беше и атмосферата во Измир. Протестите се проширија во над 55 од вкупно 81 провинција.
„Измир е на улица, чека одговор, Диктаторот Ердоган ќе одговара пред народот!“, скандираа демонстрантите од Измир.
Ердоган пак, ги критикуваше протестите и ја обвини главната опозициска сила дека се обидува да го наруши мирот. Имамоглу е главниот политички опонент на претседателот Ердоган, кој беше уапсен само неколку дена пред да биде назначен за претседателски кандидат за изборите во 2028-ма година. Неговото приведување го предизвика најголемиот бран улични демонстрации во земјата по повеќе од една деценија, продлабочувајќи ја загриженоста за демократијата и владеењето на правото во Турција.
Бојана Крстевски
