Македонија

Над 54 милиони денари собрал Црвениот крст за семејствата на загинатите и повредените

24.03.2025 16:32

Републичкиот Црвен крст информираше за преземените активности за поддршка на настраданите од пожарот во Кочани и начинот на исплата на финансиска поддршка од собраните донации на семејствата на загинатите и повредените. Над 54 милиони денари собрал Црвениот крст за семејствата на загинатите и повредените. Парите ќе почнат да се исплаќаат за ден-два.

Над 54 милиони денари се собрани досега преку Црвениот крст кои деновиве би требало да им бидат исплатени на семејствата на загинатите и повредените во пожарот во Кочани. Во првата фаза ќе бидат исплатени 36 милиони денари, линеарно, по 150 000 денари за сите настрадани. Во другите фази пак, исплатата ќе се одвива по методологија утврдена од надлежни институции и стручни лица, вели генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити.

Исплатата е согласно Законот за лични податоци со обезбедување матичен број, трансакциска сметка и изјава. За оние кои се на лекување во странство и загинатите веќе се обезбедени, додека за оние кои се во болниците во земјава интензивно се прибираат.

Трошоците за лекување на пациентите надвор од државата ги покриват земјите домаќини. Додека трошоците за пат, сместување и логистика за семејствата на пациентите ги покрива Владата. Од Црвениот крст апелираат да се продолжи со донирање на сметката на солидарниот фонд или на телефонскиот број 143 400.

 

Александра Велинова