Бугарски државјанин доби речиси пет години затвор за измама
Четири години и десет месеци затвор доби бугарскиот државјанин кој измами кумановка за 30.000 евра за наводна сообраќајна незгода. По извршување на казната затвор, осудениот ќе биде протеран од државата...

60-годишниот Предраг Миленков од Софија кој измами 66-годишна кумановка за наводна сообраќајна незгода за 30.000 евра, доби 4 години и 10 месеци затвор, пресуди Основен суд Куманово.
Судот смета дека измамата со која е нарушена приватноста и се повредени емоциите, заслужува висока казна, која можеше да биде до максимални 5 години. Во корист на семејството во истиот износ доколку лицето поседува материјални добра да му се одземат.
За преживеаните трауми семејството го упатува на граѓанска постапка. По завршување на казната затвор осудениот ќе биде протеран од Македонија. Истиот како и оштетеното семејство имаат право на жалба на пресудата во рок од 8 дена. Обвинетиот не присуствуваше на читањето на пресудата.
Бугарскиот државјанин заедно со други непознати лица на 31 јануари се јавиле телефонски и побарале да им се исплати поголема сума пари затоа што наводно ќерка на жената прегазила мигрант. Парите ги презел тој а е уапсен на 12 февруари. Пред судот не признал вина туку дека е жртва на друго лице.
Полицијата апелираше повозрасните граѓани да бидат внимателни и да не наседнуваат на вакви измами. Сомнителните случаи да ги пријават кај нив.
Елена Георгиевска
