Македонија

СДСМ: Кривични пријави против полициски службеници, ако се утврдат пропусти во постапката со кочанската дискотека

24.03.2025 17:47

Опозициската СДСМ обвинува за селективна правда и за пропусти на МВР во трагедијата во Кочани. СДСМ се служи со подмолни политички калкулации кога зборува за трагедијата во Кочани, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ. Од Левица со најава за предлог измени на одредбите од Кривичниот законик поврзани со злоупотребата на службената положба...

Опозициската СДСМ обвинува за селективна правда и за пропусти на МВР во трагедијата во Кочани. Ниеден од командирите, инспекторите, и раководството на БЈБ и МВР во ОВР Кочани и СВР Штип, кои морале да знаат што се случува, не се во притвор.

Велат, од снимките вечерта се гледа дека полицијата била присутна во објектот што значи дека знаеле за настанот, но не го обезбедиле соодветно. Најавија дека доколку истрагата во продолжение не ги опфати и нив, ќе поднесат соодветни кривични пријави.

СДСМ се служи со подмолни политички калкулации кога зборува за трагедијата во Кочани, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ. Владата и органите за истрага од првиот момент реагираа – има веќе голем број на приведени лица, а истрагата продолжува со несмален интензитет. И тоа, за разлика од минатото, со обиди за откривање на целосната вистината, а не со алиби-објаснувања за „кабли“ и „шасии“ како главни виновници за трагедиите што во минатото ни се случуваа, рече Петрушевски.

Од Левица со најава за предлог-измени на одредбите од Кривичниот законик поврзани со злоупотребата на службената положба, укинување на приватното обезбедување во објекти од висок ризик, државни објекти и поголеми собири, во Законот за инспекциски надзор и за градење, како и барањето за законска материја која ќе ги обврзува медиумите да имаат фонд на материјал за емитување во денови на жалост по примерот на јавниот сервис.

Фиљана Кока