Манев: Да знаев дека Палевски носи оружје, немаше да бидам тука
„Како што беше легнат, Палчо му испука куршум. Да видев, немаше да бидам тука. Од шокот дишев длабоко да не експлодирам, а Палевски го турна во дупката“ – обвинетиот Манев за убиството на Панче Жежовски. Продолжи процесот со искази и за другите обвинети…

Судскиот процес за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжи со искази на обвинетите Велибор Манев и Боре Видевски. Манев ги потврди наводите дека како главен обвинет, Палевски е директен извршител на двете убиства, но и оганизатор на групата која планирала злосторнички потфат.
Обвинетиот Манев мислел дека жртвите ќе бидат грабнати и за нив ќе добијат 150.000 евра, а потоа ќе бидат ослободени. Но, кога се побунил после првото убиство на Панче Жежовски, Манев посочи дека Палевски му се заканил-ќе го ликвидира него и семејството доколку не ги следи неговите инструкции.
Обвинетиот Боре Видевски, пак негира вмешаност во убиствата на Вања и Панче, при што посочи дека тие критични денови бил на работа, а потоа и на слава. Вели, признанието што го дал во Обвинителството на распитот, го дал под тортура од полициските службеници. Неговиот адвокат посочи дека неговиот клиент не бил вмешан во ниту еден кривично-правен настан за што го товари Обвинителството.
За двојното убиство, исказ пред судот треба да дадат Љупчо Палевски, Влатко Кешишев и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски на 26-ти март годинава.
Игор Панов
