Митева: 116 вонредни надзори на угостителски објекти, на 15 им се одземени лиценци
Утврдено е дека 15 правни субјекти (од вкупно 23) кои имаат активна лиценца не исполнуваат минимални технички услови и кај нив ќе бидат изречени две мерки: решение за забрана на вршење на дејност и предлог до Министерството за економија за одземање на лиценца.

Изминативе денови се направени вкупно 116 вонредни надзори врз основа на Законот за угостителска дејност, информираше денеска владината портпаролка Марија Митева. Преземени се повеќе чекори. Решенија за привремена забрана се изречени на 10 правни субјекти (кафичи/клубови) по закон за угостителска дејност.
Утврдено е дека 15 правни субјекти (од вкупно 23) кои имаат активна лиценца не исполнуваат минимални технички услови и кај нив ќе бидат изречени две мерки: решение за забрана на вршење на дејност и предлог до Министерството за економија за одземање на лиценца.
Кај 6 правни субјекти кои немаат активна лиценца или им е истечена, а е утврдено дека изминатиот период функционирале, издадени се решенија за забрана на вршење на дејност. Издадени се 59 прекршочни платни налози во износ од 522.690,00 денари и по други основи од Законот за угостителска дејност.
Митева најави дека во координација со МВР овие денови започнуваат инспекциски надзори во објекти за организирање на прослави и настани со посебен акцент на утврдување на минимално техничките услови и категоризација на ресторани, како и за другите одредби од Законот за угостителска дејност.
