Здравство

Таравари: На домашно лекување заминуваат 12 пациенти, еден се враќа од Белград

25.03.2025 10:37

Добра вест е тоа што еден пациент кој се лекува во Белград се очекува да се врати на понатамошно лекување во Скопје. Ќе биде примен во една од скопските клиники, најмалку 24 часа, пред да биде испратен на домашно лекување.

Стабилна е состојбата на повредените од пожарот во Кочани сместени на клиниките во Скопје. Министерот за здравство, Арбен Таравари на денешната прес-конференција соопшти дека денес на домашно лекување заминуваат 12 пациенти, додека на клиниките остануваат уште 27.

На лекување во странство остануваат 115 пациенти. Добра вест е тоа што еден пациент кој се лекува во Белград се очекува да се врати на понатамошно лекување во Скопје. Ќе биде примен во една од скопските клиники, најмалку 24 часа, пред да биде испратен на домашно лекување.

Во Детската клиника веќе нема пациенти, останатите кои се лекуваат во Скопје се сместени на Клиниката за пластична хирургија, на Токсикологија и во старата градска болница- Клиниката по хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

Таравари нагласи дека останува критична состојбата кај 4-5 пациенти кои се лекуваат во странство, и верува дека докторите даваат максимум за овие пациенти да можат да го пребродат овој тежок период.

Како што беше најавено вчера, екипи од Клиниката за пластична хирургија веќе се во Кочани, каде треба да помогнат во лекувањето на пациентите кои имаат изгореници од прв степен.

Министерот за здравство додаде дека веќе има понуди од неколку држави за подолгорочна рехабилитација на потешките пациенти, за што дополнително ќе информира во следните денови.