Американската делегација ги продолжи преговорите со украинските претставници во Ријад
Американската делегација ги продолжи преговорите со украинските претставници во Ријад откако по повеќе од 12 часа ги заврши разговорите со Русија...

Американската делегација ги продолжи преговорите со украинските претставници во Ријад откако по повеќе од 12 часа ги заврши разговорите со Русија. Од Кремљ потврдија дека содржината од средбата нема да ја објавуваат, додека од Белата куќа соопштија дека дискусиите главно се фокусирани на прекин на огнот во Црно Море, но и за други прашања како дел од напорите за ставање крај на тригодишната војна.
„Зборуваме за технички разговори, каде што тие навлегуваат во детали, така што, се разбира, содржината на тие разговори дефинитивно нема да биде објавена во јавноста“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
„Зборуваме за територија, за демаркациски линии. За електрична енергија, сопственост на електрани. Некои луѓе велат дека сад треба да ја поседуваат електраната, затоа што имаме експертиза да ја поправиме. Но тие особено гласно зборуваат за сопственоста на нуклеарната централа Запорожје“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Трамп додаде и дека договорот за ретките минерали со Украина наскоро ќе биде потпишан. Киев претходно преговорите со САД ги оцени како исклучително добри и суштински. Зеленски посочи дека е неопходно придвижување кон загарантирана безбедност, повторно истакнувајќи дека Русија е единствениот актер што ја одолговлекува војната.
„Потребно ни е движење кон вистински мир, кон загарантирана безбедност. И на сите ни треба ова: во Украина, во Европа, во Америка, секој во светот кој сака мир во меѓународните односи. Русија е единствениот ентитет што ја одолговлекува оваа војна и го исмева нашиот народ и целиот свет“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Додека двете завојувани страни се надгласуваат за сопственоста на нуклеарката, руски беспилотни летала го нападнаа регионот на Запорожје. Во истовреме Киев соопшти дека по расчистувањето на урнатините по нападот во суми, бројот на повредени се искачил на 74, меѓу нив има 14 деца. По преговорите во Саудиска Арабија, британскиот премиер и францускиот претседател Стармер и Макрон најавија нова средба в четврток со европските лидери за да се осигурат дека секој потенцијален договор за прекин на огнот е одржлив, уверувајќи ја Украина за нејзината идна безбедност.
Бојана Крстевски
