Аплауз и почит за младиот херој Јован
Неговото тело носи лузни од јунаштвото, но, неговото срце ги носи почитта, восхитот и љубовта на целата нација. Јован Костадинов, 19-годишното момче од Виница кое спаси дваесетина млади од пожарот во дискотеката „Пулс“, денеска се врати на училиште. Соучениците и професорите, херојот го дочекаа со аплауз...

Го пречекаа како херој. Несебичната пожртвуваност на Јован Костадинов со аплауз и насмевки ја наградија неговите соученици и професори од гимназијата „Ванчо Прќе“ од Виница. Горди се, велат, што постои таков меѓу нив.
Тој среде смртоносни пламени јазици и чад дури 20 пати влегувал и излегувал од кобната дискотека за да спасува животи. 21 посетител куртули благодарение на Јован. 19-годишникот ни одржа лекција за човештина, хуманост, љубов и за емпатијата. И тогаш кога себе си се изложи на опасност. Колку и како можеле помагале и неговите соученички и членки на црвен крст.
Јован остана седум дена во Токсикологија поради долгата изложеност и вдишување на чад.
„Неговото тело ги носи лузните од неговото јунаштво, но неговото срце носи нешто далеку поголемо: почитта, восхитот и љубовта на цела нација“, рече министерот за здравство Таравари.
После ужасната ноќ Јован го минува првиот ден во училиштето со своите другари. И таму веќе се распоредени психолози кои ќе може да помогнат да се врати во реалноста.
Фиљана Кока
