Скандал во САД, воени планови споделени со новинар
Белата куќа, по грешка, со новинар споделила воени планови за напади врз Хутите во Јемен. Уредникот на „Атлантик“ бил вклучен во доверлива групна комуникација со високи американски функционери на апликацијата „Сигнал“. Министерот за одбрана го негира скандалот, демократите бараат истрага…

Плановите за напад на милитантната група Хути во Јемен, односот на новата американска администрација со Европа, несогласувањата меѓу претседателот Трамп и потпретседателот Венс. Ова се дел од информациите кое протекле од американското воено разузнавање, откако во групен разговор меѓу 18-тмина високи владини функционери бил случајно додаден и главниот уредник на весникот „Атлантик“. Новинарот Џефри Голдберг бил вметнат во групата од Мајкл Волц, советникот за безбедност на претседателот и тврди дека добил оперативни воени планови, вклучувајќи го и точниот термин за нападот врз Хутите.
„Мислам дека открив огромно нарушување во американскиот системот за национална безбедност. Штом до мене дојдоа овој вид на информации, оружени системи и планови и сите видови информации за редоследување на одредени безбедносни настани, очигледно е дека постои повреда на одредени видови безбедност“, изјави, Џефри Голдберг, главен уредник на „Атлантик“.
Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, тврди дека во разговорите не биле споделувани никакви воени планови.
„Вие зборувате за измамник и за многу дискредитиран таканаречен новинар, кој се профилирал како продавач на измами. Би сакал да ја коментирам кампањата врз Хутите поради вештината и храброста на нашите војници. Нашите војници, нашите морнари беа пукани како цели. Нашите бродови не можеа да пловат“, изјави Хексег.
Демократите бараат целосна и објективна истрага за случајот. Обвинуваат дека станува збор за скандалозно прекршување на правилата за воено разузнавање кое ги доведува во прашање животите на голем број лица.
„Ова покажува дека високи американски лидери, вклучително и потпретседателот и секретарот за одбрана имаат класифицирани дискусии за воена локација на небезбедна апликација. Доколку овие детали за координирање на воените операции паднат во рацете на американските непријатели, тоа би можело сериозно да и наштети на нашата армија“, истакна Чак Шумер, лидер на демократите во Сенатот.
„Апсолутно треба да има истрага на конгресот за да можеме да разбереме што и зошто се случи ова. Како да спречиме овој тип на нарушувања на националната безбедност да не се повторат. Ова е непромислено, неодговорно и опасно“, рече Хаким Џефрис, лидер на демократите во Претставничкиот дом.
Од Советот за национална безбедност признаваат дека разговорот изгледа автентично. Најавија истрага како во групата на апликацијата „Сигнал“ бил додаден и новинарот. Американскиот претседател, Трамп, изјави дека не знае за групниот разговор, но за него нападот врз Хутите бил полн погодок.
Маја Стојанова
