Здравство

Влошена состојбата на дел од критичните пациенти хоспитализирани во странство

25.03.2025 16:51

Дванаесетмина повредени кои се лекуваа во болниците во Скопје пуштени дома. На дел од критичните кои се хоспитализирани во странство им се влошила ситуацијата. Западноевропски држави понудиле долгорочна рехабилитација …

Уште 12 повредени пациенти од пожарот во кочанската дискотека заминуваат на домашно лекување. Во државните и приватните клиниките остануваат 27-мина.

Четворица пациенти кои се лекуваат во странство и натаму во критична состојба, кај некои има влошување. Се очекува, пациент кој е во хоспитализиран во Белград, лекувањето да го продолжи во Скопје. Тој е во добра состојба и по направената тријажа ќе биде сместен во клиничкиот центар.

Министерот за здравство вели – тим од пластични хирурзи во кочанската болница вршат контроли на пациентите кои се на домашно лекување. Неколку западноевропски држави понудиле подолгорочна рехабилитација за потешко повредените.

„За жал, 4-5 пациенти се во критична состојба, некаде има и влошување. Таму каде што се лекуваат колегите се обидуваат да дадат максимум за да можат да го поминат овој тежок период. Имаме понуди од неколку западноевропски држави за подолгорочна рехабилитација на потешките пациенти“, изјави министерот за здравство Таравари.

Во хируршките клиники „Свети Наум Охридски“ се лекуваат само шест пациенти, тоа се оние повредени кај кои веќе е направена трансплантација на кожа.

„Од 10 пациенти кои се хоспитализирани, кај шест е извршена трансплантација на кожа, кај останатите се прават само локални преврски. Можам да кажам дека има оптимизам во понатамошната прогноза. Денеска се планира испис на четворица пациенти, чекаме да стигнат токсиколошките анализи“, изјави д-р Небојша Настов, директор на хируршките клиники „Свети Наум Охридски“.

И покрај ограничениот буџет – здравствените власти велат дека се прават напори да се подобрат условите за лекување. Изминативе месеци инвестирано е во опрема, а 190 приватни специјализанти се во процедура на вработување. Министерот Таравари вели дека треба да се размисли за повторно отворање на центар за изгореници.

Во следните две недели – здравствените власти очекуваат од 115 пациенти кои се хоспитализирани во странство, барем половина од нив лекувањето да го продолжат во земјава.

Андријана Ѓурческа