Нова рунда преговори САД-Украина
12-часовните разговори меѓу претставниците на САД со руската делегација во Ријад поминале добро. Москва оцени дека состанокот бил корисен и оти дијалогот продолжува. Денеска, нова средба со Украинците, кои со САД ќе го потпишан договорот за ретките минерали...

Падна договор во Саудиска Арабија на маратонските преговори меѓу американски, руски и украински претставници. САД договорија безбедна пловидба во Црно Море, објави Белата Куќа. Ќе се работи на мерки за спроведување на договорот за забрана на напади врз енергетските капацитети на Русија и Украина. Соединетите Американски Држави продолжуваат да работат кон постигнување траен мир и ќе и помогнат на Русија да го врати пристапот до светскиот пазар за извоз на земјоделски производи и ѓубрива. Од Кремљ претходно беа децидни, резултатите од дијалогот нема да бидат јавно објавени.
„Ова се технички преговори. Тоа се разговори во кои се разгледуваат детали и затоа содржината нема да биде објавена во јавноста, тоа не треба да се очекува“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Трамп објави дека договорот за ретките минерали со Украина наскоро ќе биде потпишан.
„Зборуваме за територија, за демаркациски линии. За електрична енергија, сопственост на електрани. Некои луѓе велат дека САД треба да ја поседуваат електраната, затоа што имаме експертиза да ја поправиме. Но тие особено гласно зборуваат за сопственоста на нуклеарната централа Запорожје“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Зеленски одново побара придвижување кон загарантирана безбедност и вистински мир.
„Потребно ни е движење кон вистински мир, кон загарантирана безбедност. И на сите ни треба ова: во Украина, во Европа, во Америка, секој во светот кој сака мир во меѓународните односи. Русија е единствениот ентитет што ја одолговлекува оваа војна и ги исмева нашиот народ и целиот свет“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Борбите во Украина не запираат и покрај интензивните дискусии за мир. За мирот и безбедноста, в четврток францускиот претседател Макрон организира самит со европските лидери. На состанокот ќе присуствува и претседателот Зеленски.
Маријана Димовска
