Судењето за двојното убиство продолжува со распит на обвинетите
Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска во Основен Кривичен суд Скопје...

Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска во Основен Кривичен суд Скопје. На изминатото рочиште беше сослушуван обвинетиот Боре Видевски кој изјави дека под физичка тортура бил принуден да потпише изјава со која ќе изгледа виновен и дека по тепање со дрвена палка го натерале да каже дека го познаваа таткото на девојчето.
Видевски беше испитуван од страна на неговиот адвокат, а неговото сослушување треба да продолжи и денеска.
Претходно беше сослушан обвинетиот Велибор Манев кој во детали ги образложи грабнувањата на Вања и Панче, при што посочи дека координатор и извршител на убиствата бил Палевски. Тој нагласи дека после убиството на Панче, продолжил со грабнувањето на Вања поради страв и закани од Палевски кон него и неговото семејство.
Манев потенцираше дека сметале оти треба да грабнат жена на 38-40 години и дека се обиделе да го предомислат Палевски откако виделе дека грабнале дете. Воедно, кажа дека за грабнувањата им биле ветени по 150 илјади евра.
Тој тврдеше дека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, не е вмешан во случајот.
И Манев, како и Видевски, посочи дека бил изложен на тортура при неговите распити.
Според најавеното, по сослушувањето на Манев и Видевски ќе бидат сослушани и обвинетите Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и на крај Љупчо Палевски.
